Со слушање на останатиот дел од аудио разговорите, популарните „бомби“, рочиштето за предметот „Траекторија“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ќе продолжи на 4 јули.
Во Кривичниот суд денеска, по паузата, беа пуштени разговорите кои СЈО ги доставило како докази, а се однесуваат за периодот во јануари 2013 година.
Во дел од разговорите во кои скоро сите ги водеше поранешниот министер за транспорт и врски Миле јанакиески се слушаа информации околу постапката за тендерската документација за изградба на автопатот Миладиновци-Штип и Кичево Охрид за која македонскиот амбасадор во Кина Оливер Шамбевски му ја појаснува на Јанакиески.
Во разговорот се слушаше и протоколот за документацијата за големиот кредит од кинеска банка за изградба на автопатите.
Во „Траекторија“ осомничени се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор за државни патишта Љупчо Георгиевски, дека во 2012/2013 година ги пречекориле своите овластувања во постапката за избор на компанија за изградба на автопатските делници до Штип и Охрид и нанеле штета на буџетот на државата од најмалку 155 илјади евра.