Во Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле хоспитализирани се 21 дете заболено од Ковид-19, од кои две се на кислородна поддршка. Хоспитализираните деца се на возраст од два месеци до 16 години, изјави вчера за МИА директорот на таа јавна здравствена установа, Бесник Зеќири. Тој посочи дека сите деца се во добра општа состојба.
За 10 дена, бројот на активни случаи порасна за околу 1.300. На крајот на октомври имаше околу 6.700 активни случаи, а вчера тој број стигна до 8.006.
За претходното деноноќие, беа регистрирани нови 677 случаи од 3.317 тестирања или околу 20 отсто, 13 лица починаа и 517 оздравеа.
Од новите случаи најмногу има во Скопје – 279, следат Битола – 86, Прилеп – 34, Куманово – 30. Од другите градови под 30 заразени.
Од 13 починати лица: пет се од Скопје (61г, 70г, 74г, 80г и 86г), и по едно починато лице од Кочани (83г), Битола (79г), Куманово (76г), Прилеп (87г), Велес (77г), Пробиштип (73г), Демир Хисар (47г) и Кавадарци (66г). Од пријавените лица сите се починати во болнички услови.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 206.910, бројот на оздравени пациенти е 191.649, на починати е 7.255, а бројот на активни случаи изнесува 8.006.
Според епидемиолошки анализи во моментов, најмногу активни случаи има во Скопје – 3728, следи Битола – 548, Куманово – 399, Прилеп – 380, Велес – 357, Кавадарци – 341, Штип – 238, Кочани – 224, Охрид – 200. Во другите градови има под 200 активни случаи.
Податоците на Министерството за здравство говорат дека опфатот со една доза вакцина на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози се опфатени 46 отсто од граѓаните.
Во однос на аплицирањето вакцини на целата популација, вакцинирани се 39 отсто, а две дози вакцина примиле 37 отсто од популацијата. Трета доза вакцина примиле над 43 300 граѓани.
Инаку, при влез во затворени објекти во Грција нема да се скенираат сертификатите од трети земји. Со едноставно покажување на хартиениот сертификат за вакцинација и документ за лична идентификација, а не со скенирање преку специјалната грчка апликација, во внатрешноста на Грција ќе се проверуваат потврдите издадени од трети земји, соопштуваат од Генералниот секретаријат за трговија и заштита на потрошувачите при Министерството за развој и инвестиции на Грција.
Па така, како што објави МИА, државјани на трети земји, меѓу кои и туристи од Северна Македонија, иако со валиден сертификат не можеа да влезат во продавници, кафулиња и ресторани, со оглед на тоа што со воведувањето на новите мерки од саботата, за влез речиси во сите објекти во Грција е потребен документ за Ковид-19 што се скенира преку специјалната апликација.
Откако вчера, портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина објасни дека независно од тоа што апликацијата не ги препознава, сертификатите се валидни.
Според светската статистика, досега со коронавирусот се заразиле над 251 милион жители, починале над пет милиони, оздравеле повеќе од 227 милиони луѓе.
Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека ризикот од недостиг на повеќе од една милијарда специјални шприцеви што се користат за вакцинација во 2022 година е реален. Лиза Хедман, виш советник во одделот за пристап до лекови и здравствени производи на СЗО, на вчерашниот брифинг во Женева изјави дека таквиот недостиг ќе создаде „сериозни проблеми“, особено забавување на рутинската вакцинација во светот.
Хедман објасни дека индустријата може да произведе околу шест милијарди шприцеви за имунизација секоја година ширум светот.
Француската агенција за јавно здравје препорачува на лицата помлади од 30 години да им се дава „Фајзер“ вакцината против Ковид-19 наместо „Модерна“, која има релативно поголем ризик од проблеми со срцето.
Во извештајот на австралиската држава Нов Јужен Велс се вели дека невакцинираните имаат 16 пати поголема веројатност да завршат на интензивна нега или да починат од последиците од инфекција со Ковид-19.
Само околу три отсто од оние кои завршиле на интензивна нега примиле две дози од вакцината, додека повеќе од 63 отсто од 61.800 случаи откриени меѓу 16 јуни и 7 октомври биле невакцинирани.
Во Србија од воведувањето на ковид пропусниците вакцинацијата е зголемена за 70 отсто, а во еден ден се дадени 40.000 вакцини, информираа српските власти.
Во првите денови бројот на првите вакцини скокна за 70 отсто, а бројот на третите за 30 отсто.
Во Босна и Херцеговина ќе бидат уништени повеќе од 600 илјади вакцини против Ковид-19 поради изминат рок, а најголем дел од нив се на производителот Астра Зенека.
Кинески град Хеихе, со 1,5 милиони жители, на руската граница, понуди награда од 100.000 јуани (околу 13.500 евра) за информации за потеклото на локалната епидемија на коронавирусот.
Градот објави „војна“ против вирусот, бидејќи во последните денови откри неколку десетици случаи на Ковид-19.