„Израснал во скромно, земјоделско и традиционално семејство. Почнувајќи од рана возраст, тој и неговиот помлад брат беа вклучени во семејниот земјоделски бизнис, како единствен извор на приход. Заев и неговиот брат беа воспитани да бидат вредни луѓе кои никогаш не ги одложуваат обврските и веруваат дека постои решение за секој проблем“.
Ова е дел од биографијата на премиерот Зоран Заев, која се наоѓа во предлогот за избор на нови членови на влада доставен до парламентот, кој предвидува тој да ја презеде и министерската функција за финансии.
„Зоран Заев беше средношколец кога Македонија ја стекна својата независност во 1991 година. Покажува афинетите за математика и беше опкружен со членови на семејството кои беа просперитетни бизнисмени, активни и почитувани во социо-политичката и економската сфера на македонското општество“, се наведува во биографијата.
Дополнително, во биографијата на премиерот и иден министер за финансии се говори за неговото факултетско образование, за деловното искуство и за политичката кариера, при што особено се издвојуваат неговите мандати како градоначалник на Струмица.
„Поради очигледниот успех во развојот на градот, Зоран Заев стана еден од најпопуларните политичари во Македонија поради неговата отвореност и достапност. Тој беше единствениот градоначалник кој на својата работа и даде најголема јавност и транспарентност преку редовните месечни настапи на локална телевизија, каде ја претставуваше работата на општината и одговараше на сите прашања на граѓаните“, пишува во биографијата.
Што се однесува до периодот кога стана лидер на СДСМ и претседател на владата, во биографијата стои дека Заев како опозиционер станал синоним за храброст и предводник на „борбата за правда, слобода и демократија“. Како големи постигнувања на неговата влада, пак, се наведуваат намалувањето на невработеноста, решавањето на отворените прашања со соседите преку договорите со Бугарија и Грција, како и деблокадата на евроатланските интеграции. Текстот завршува со номинацијата на премиерот за Нобелова награда поради Преспанскиот договор.