Граѓаните од Македонија и БиХ од сега ќе можат да ги поминуваат границите на двете земји само со лични карти. Ова го договориле премиерот, Зоран Заев, и претседавачот на советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, кој е во посета на Македонија.
Како што рече Заев на заедничката прес конференција, со ова ќе им се олесни движењето на граѓаните од двете земји. Истата пракса важи и за Србија и за Албанија.
Освен тоа Заев и Звиздиќ договориле учениците од основното и средното образование, како и студентите од високото образование да се запишуваат под исти услови што важат во двете држави, а за плаќање на школарина да важат истите критериуми.
Заев рече дека ова не се најави, туку официјални договори.
-Денеска Република Македонија и БиХ испратија уште една силна порака. Сериозно сме посветени на развивање пријателски односи во соседството и сплотен регион насочен кон европските перспективи. Покажавме дека сме подготвени да дејствуваме во правец на очекувањата на нашите граѓани кои не се разликуваат од очекувањата на Европа – рече Заев.
Звиздиќ рече дека двете земји се можеби најслични во регионотод Западен Балкан, земји со исти карактеристики, земји во кои живет повеќе народи, нации и религии.
Тој додаде дека се разговара за авионска линија која ќе ги поврзе главните градови на двете земји.