За време на градежни работи во Берлин пронајден е остаток од бомба од Втората светска војна, тешка 250 килограми.
Работниците ја пронашле бомбата малку пред пладне додека ископувале градилиште во берлинската населба Шмаргендорф. Бидејќи бомбата не претставувала непосредна закана, полициските форензичари одлучиле утре да ја отстранат.
Местото каде што е пронајдена неексплодираната бомба во моментов е оградено и деноноќно е чувано од полицијата. Од безбедносни причини, областа е блокирана во радиус од 500 метри околу бомбата.
Според полицијата, со мерките за евакуација биле зафатени околу 7.500 лица кои ќе бидат евакуирани во сместувачките капацитети кои поради ваквата состојба итно биле поставени.
Зафатени се три градинки и 30 станбени блокови. Откако ќе се завршат мерките за евакуација и ќе се постават сообраќајните бариери, треба да започне деактивирањето на бомбата.