Во Белград притворен Љупчо Палевски – Палчо по потерница од Хрватска

by Fokus

Љупчо Палевски е приведен од страна на српската полиција на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ и во моментов се наоѓа во екстрадициски притвор.

Приведувањето, се случило вчера околу 19,00 часот по потерница распишана од Република Хрватска.

Сомнително е како потерницата не била активна во 14,00 часот кога Палевски влегол во Србија од Македонија, а по само неколку часа тој е приведен од српската полиција“, вели  адвокатот Стојков за „360 степени“.

Инаку Палевски требало да отпатува за Москва, каде требало да склучи бизнис зделка, беше еден од предводниците на протестите против промената на името и е политички активен во партијата „Глас за Македонија“ на Солза Грчева.

-Не се откажуваме од Љупчо Палевски додека не се испита целата работа, вели претседателката на политичката партија „Глас за Македонија“, Солза Грчева, откако нивниот генерален секретар Палевски беше приведен на белградскиот аеродром по потерница од Хрватска, пренесува „360 Степени“.

-Можеби ова му е подметнато. Да видиме за што станува збор. Тој не одеше некаде во својство на партиски функционер, си оди во својство на бизнисмен, има своја работа и бизнис. Работи со котли и колку што знам извезува во Србија, Русија, Хрватска и каде се не. Не сум во тек со неговата работа, како што ниту тој не е со мојата. Тоа не е партиска работа, но можеби му е наместено“, се сомнева Грчева.

Иако на веб-страницата на партијата на Грчева стои дека Палевски е генерален секретар, таа тврди дека тој се уште не е официјално избран од партиските органи за таа раководна позиција иако така е планирано.

-На веб-страницата го има ставено некој од администраторите. Инаку, Љупчо Палевски не е официјално избран за генерален секретар на „Глас за Македонија“. Тој не е поминат низ партиските органи и нема позиција. Движењето „Трета“ што го води Палевски се приклучи на „Глас за Македонија“ и тој многу е активен организациски, но се уште не е официјално поставен за генерален секретар“, тврди Грчева.

Поврзани новости