Ако минатата недела Балканот сведочеше на долгите колони за евтино пилешко на отворањето на ланецот маркети Лидл во соседна Србија, вчера во Неготино, истата слика можеше да се види пред новоотворениот маркет КАМ.
Но, наместо смрзнати пилиња, неготинчани чекаа во долгите редици за смрзнати копани, кои вчера, на денот на отворањето на маркетот се продаваа по цена од 55 денари за килограм. Покрај копаните, голем беше интересот и за бананите, кои се нудеа по цена од 35 денари за килограм, но и за акцијата, јогурт од литар со гратис леб сечен на парчиња, по цена од 38 денари.
Голем број на граѓани уште во раните утрински часови се упатија кон маркетот, кој ги отвори вратите во 7:30 часот. Во текот на целиот ден, па и во вечерните часови, паркингот пред КАМ беше преполн, а задоволните купувачи не жалеа што чекале долго време во колоните пред касите.
-Големи лименки пиво за 25 денари, млечни чоколади за 35 денари, три литри леден чај за 54 денари. Но, копаните беа пресудни да тргнеме уште рано утринава и да испазариме од маркетот. Чекавме на касата долго, ама се исплати – ни изјавија купувачи кои ги затекнавме со полни кеси, како излегуваат од преполниот маркет.
Пред маркетот, десетици, ако не и стотици празни пакети од банани, а паркираните возила се полнеа со ќеси со производи. Пензионери, возрасни луѓе, деца, речиси целиот град масовно излезе, да ги види понудите во маркетот, за кој генерално важи правилото за добар квалитет и ниски цени.
КАМ манијата која вчера го зафати Неготино се почувствува и во другите поголеми маркети во градот, кои веднаш започнаа со намалување на цените на одредени производи, но и понуда на разни акции од типот – земи две, плати едно.
Она што е интересно, во Неготино имаше КАМ маркет уште пред повеќе од 11 години, во центарот на градот. Сепак, тогаш не достигна поголема популарност, првично поради тоа што жителите се жалеа дека продавницата не е доволно накитена, односно дека производите се во обични кутии, наместо на украсени и богати рафтови. Само неколку месеци по отворањето, истата се затвори, а љубителите на производите на КАМ одеа на пазарење во маркетот во Кавадарци.
Вики Клинчарова