Пронајдени се три туби кои не биле полни со гориво и не се запалени. Пожарот не избувнал од нив. Верзијата за терористички акт е професионално разгледана и земени се анализи од автобусот за постоење на терористички акт.
Категорично ги отфрламе тие верзии. Не станува збор за терористички акт, изјави на денешната прес-конференција бугарскиот заменик главен обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов.
-Аутопсиите покажуваат дека сите загинати починале од задушување, а не од ударот. Тоа значи дека биле живи во моментот на пожарот. Конечна проценка за причините за несреќата ќе треба да дадат финалните анализи, но водечка верзија во овој момент е човечка грешка – како причина за несреќата, рече Сарафов.
Тој порача дека продолжуваат испитувањата и анализите на автобусот, кои треба да дадат одговор за причините и начинот на избувнување на пожарот, како и за сообраќајната анализа за причините за кои автобусот ја напуштил патеката на движење.
Изнесувајќи ги собраните до моментот информации, Сарафов, нагласи дека во медиумите гледа доста шпекулации и псевдо експерти, но дека иако по емисиите може да се видат 15 или 20 очевидци, всушност очевидци на настанот нема ниту еден.
– Прво испрашни се двајца од патниците во автобусот, кои биле будни во моментот на несреќата. Двајцата даваат објективни информации, испитани се поединечно и исказите им се совпаѓаат, поради што ги земаме за исклучително точни. Денеска се испитуваат и двајца други кои се во болница, изјави Сарафов.
Екипа од обвинителството утре заминува за Скопје за подигање на изработените ДНК профили од роднини на настраданите, кои потоа ќе се искористат за идентификување на починатите. Потоа, нагласи Сарафов, ќе може телата на жртвите да им се предадат на нивните семејства.