Во моментов 2.600 паралелки во Австрија се испратени во карантин поради коронавирусот, а девет училишта се затворени, соопшти денеска Министерството за образование.
Во Австрија има околу 6.000 училишта и близу 58.000 паралелки, така што 95 отсто од часовите се уште се одржуваат нормално. Сепак, бројот на паралелки кои се префрлаат на онлајн часови рапидно расте поради појавата на Ковид-19 кај учениците.
Во вторникот беше објавено дека 1.900 паралелки се испратени во карантин, а по два дена тој број се зголеми на 2.600. Според правилото кое во моментов се применува при откривање инфекција кај еден ученик, наставата продолжува нормално, но учениците мора да се тестираат секојдневно во наредните пет дена. Доколку во рок од три дена се откријат инфекции кај друг ученик, паралелката се испраќа во карантин, односно на онлајн часови.
Инаку, учениците се тестираат трипати неделно во училиштата, од кои еден мора да биде ПЦР тест. Кога станува збор за градинките во Виена, 11 отсто од детските групи моментално се во карантин.