Австралија денеска се соочи со најсмртоносниот ден од избувнувањето на пандемијата на корона вирус, бидејќи ширењето на сојот Омикрон продолжи да ги зголемува стапките на хоспитализација на рекордно ниво, и покрај падот на дневниот број нови инфекции.
Во Австралија денеска се регистрирани вкупно 77 смртни случаи, што го надминува претходниот национален максимум од 57 смртни случаи регистрирани минатиот четврток, покажаа официјалните податоци.
„Денеска е многу тежок ден за нашата земја“, рече премиерот на Нов Јужен Велс, Доминик Перот на прес-конференција откако австралиската држава објави 36 смртни случаи, што е ново високо ниво од почетокот на пандемијата.
Само четворица од починатите од Ковид во таа држава примиле бустер доза од вакцината против коронавирус, поради што здравствените власти апелираат до граѓаните што поскоро да добијат дополнителна доза.
Од оние кои починале во Нов Јужен Велс, 33 примиле две дози од вакцината.
Во услови на зголемен број хоспитализации, државата Викторија денеска прогласи „кафеав код“ во болниците, што ќе им даде овластување да ги откажат здравствените услуги кои не се итни.
Државата Квинсленд објави дека ниту еден од денешните 16 смртни случаи во таа држава не добил дополнителна доза од вакцината.
Во Австралија денеска беа пријавени околу 73.000 нови инфекции, што е помалку од 150.000 минатиот четврток.
Австралија досега има пријавено околу 1,6 милиони инфекции со коронавирус од почетокот на пандемијата, од кои околу 1,3 милиони се регистрирани во последните две недели.
Вкупниот број на починати достигна 2.776.