Во Авганистан се зголемуваат случаите на пневмонија при што умираат деца кои немаат пристап до здравствени установи, соопшти денеска британската добротворна организација Спасете ги децата (Save the Children).
Според организацијата, дури и пред последната криза, пневмонијата била одговорна за повеќе од еден од пет смртни случаи кај деца под 5 години во Авганистан, а глобално убива повеќе мали деца од која било друга болест.
„Спасете ги децата“ со децении работи во земјата опустошена од војна и нивните мобилни клиники патуваат во оддалечените области за да обезбедат витална здравствена заштита, потсетува ДПА.
– Случаите на пневмонија се зголемуваат секој ден, бројот на пациенти кои доаѓаат во нашите клиники се зголеми за два или три пати во последните месеци, рече водачот на тимот на една мобилна здравствена клиника, лекар по име Садат. „Тоа е многу полошо од минатата година. Понекогаш има стотици мајки и деца кои чекаат кога ќе пристигнеме. Тие едноставно не можат да си дозволат храна и топлина што им се потребни за да останат здрави.“
Еден лекар во болница во северниот дел на земјата рече дека никогаш не видел толку многу случаи на детска пневмонија и тешка неисхранетост.
Тој за „Спасете ги децата“ изјави дека 135 деца починале во или на пат кон болница во декември, повеќето се борат за здив од пневмонија, а 40 се сериозно неихранети.
Детската пневмонија расте среде кризата со глад, која главно се должи на колапсот на здравствениот систем, предизвикан главно од замрзнатите финансиски средства и повлечената помош.
Повеќе од половина од семејствата што ги анкетираше агенцијата исто така изјавија дека не можат да добијат здравствена заштита кога им е потребна, бидејќи немаат пари да платат за неа.
Во Авганистан повеќе од 95 проценти од населението живее во сиромаштија.