Повеќе од пет дена лековите во аптеките се потрошени, а граѓаните револтирано коментираат дека за џабе плаќаат здравствено осигурување, кога не можат да си ја земат потребната терапија на државна сметка.
„Фокус“ во последните неколку денови посети неколку аптеки во Скопје, од каде што упорно тврдат дека терапијата е потрошена до петтиот ден во месецот, па така се случува ако некој отиде да земе лекови на фондовска сметка, да остане без терапија.
– Отидов во аптека на 11 март и лековите што ми беа потребни не ги најдов на позитивна листа. Немаше глукофаж и ениглид. Јас сум дијабетичар и морам редовно да ги примам, па од таа причина ги купив приватно. Во една од аптеките каде што бев имаше голема побуна бидејќи сите други кои бараа лекови што се на позитивна листа ги немаше. Аптекарите, исто така беа револтирани и објаснија дека лекови од квотата за трет месец имало само до 5 март – раскажува за „Фокус“, 55-годишната Соња М.
Во аптеките, топката ја префрлаат на Фондот за здравство, тврдејќи дека осигурениците треба да се обратат таму.
Уште откако пациентите почнаа да реагираат дека не можат да ја најдат неопходната терапија на државна сметка, „Фокус“ уште во понеделникот, на 12 март испрати неколку прашања до Фондот за здравство. Иако поминаа три дена, до објавувањето на текстот, од таму не добивме повратни одговори.
На веб страната на Фондот за здравство единствено може да се најде годишниот извештај од 2016 година, бидејќи извештајот од лани се уште не е објавен. Според податоците, од вкупно 427 лекови по генеричко име од примарната позитивна листа 75,4% се без доплата.
Бројот на лекови по заштитено име од примарната позитивна листа, за кој ФЗОМ има утврдено референтна цена во 2016 година е зголемен и истиот достигна број од 1.210 лека. Вкупниот број лекови без доплата по заштитено име е највисок досега и во 2016 година изнесува 499 лекови што претставува приближно 42% од вкупниот број лекови што се издават на рецепт на товар на ФЗОМ.
Исто така, во извештајот се наведува дека во однос на лековите по заштитено име кои се со доплата, најголем број се со минимална доплата. Односно, со доплата до 100 денари се 40,4% од лековите, или лекови без доплата или со минимална доплата
до 100 денари се околу 82% од лековите.
Од останатите лекови, што се со доплата, за 15,3% доплатата е од 100 до 500 денари и минимални 2,7% се со доплата од над 500 денари. Притоа, за дел од лековите со доплата над 500 денари се обезбедени други готови лекови од истата генерика што се без доплата.
Министерот за здравство Венко Филипче тврди дека во моментот работат на наоѓање на решение за проблемот, за кој се погласно алармираат болните.
Ирена МУЛАЧКА