Во Анкара ќе се бараат дополнителни информации за екстрадицијата на Палевски – тврди техничкиот премиер

by Fokus

Техничкиот премиер Талат Џафери во интервју за државната МИА вели дека не сака да прејудицира дали разговорите што министерот за правда Кренар Лога ќе ги има во Турција за два дена би можеле да ја забрзаат екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо, но смета дека неопходна е лична и директна комуникација за да се види што треба дополнително да се направи.

Министерот Лога со делегација в четврток ќе престојува во Анкара, каде што е предвидено да се сретне со официјални турски претставници, а едно од прашањето за коишто ќе се разговара е екстрадицијата на Палевски, потврдуваат од Министерство за правда.

„Па сега не сакам да прејудицирам која, што ќе биде содржината на разговорите таму. Но, во секој случај неопходна е комуникацијата директна и лична таму да се биде, за да се види кои би биле постапките, процедурите, што би требало дополнително, евентуално, да се направи. Затоа е таа лична комуникација и е воспоставена во рамки на меѓународната соработка со соодветните братски институции со коишто соработуваме и со коишто соодветно имаме билатерални спогодби за комуникации“ – вели Џафери.

Лога ќе престојува во официјална посета на Турција, заедно со претставници на македонските правосудни органи.

Во Анкара, заедно со министерот за правда, како што објавија неофицијално дел од медиумите минатата недела, ќе отпатуваат и претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева и шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази.

Поврзани новости