Во американскиот Сенат предложена резолуција за чествување на македонскиот јазик, култура и историја

by Фокус

Републиканскиот сенатор Мајк Брон претстави резолуција во американскиот Сенат, според која, септември 2023 година би се прогласил за месец на македонско-американско наследство при што би се славеле јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивниот придонес за САД.

Во резолуцијата се наведува дека е важно да се истакнат бројните придонеси на македонските Американци во САД од различни области, почнувајќи од култура и уметност, до политика, бизнис, медицина, наука и спорт.

„Да се препознаат бројните придонеси на македонските Американци во САД во различни области и да ги поттикнат граѓаните на САД да го одбележат месецот на македонско-американско наследство со соодветни церемонии, активности и програми кои ги почитуваат културните придонеси и достигнувања на македонските Американци“, стои во резолуцијата.

Во документот се наведува дека од 1880 година десетици илјади Македонци имигрирале во САД во потрага по граѓански слободи и права, верски слободи, подобри економски множности, но и како одговор на Илинденското востание против Отоманската империја, Балканските војни, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција и комунистичката политика на Југославија.

Се додава дека денес, според проценките, низ САД има околу 500 илјади македонски доселеници населени во различни сојузни држави, главно во Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.

Поврзани новости