Апелациониот суд во Алжир денеска осуди 38 лица на смрт поради линчување на човек за кој верувале дека бил пироман, откако помогнал во гаснењето на смртоносните пожари во 2021 година, објавија локалните медиуми.
Тие казни ќе бидат променети во доживотен затвор бидејќи мораториумот на примената на смртната казна е во сила од 1993 година.
Линчот, кој се случи во летото 2021 година во северозападен Алжир, предизвика бран на бес низ целата земја.
Од 94 лица на кои им се судеше во овој случај, покрај 38 смртни казни, судот ослободи 27 лица, а останатите ги осуди на казни од три до 20 години затвор.
За помалку од една недела во август 2021 година, пожарите убија најмалку 90 луѓе во Алжир и опустошија илјадници хектари.
Откако слушнал дека тој е осомничен дека го подметнал пожарот бидејќи не бил дел од локалното население, сликарот Џамел Бенсмаил се предал во локалната полициска станица за да објасни дека е само доброволец, кој дошол за да помогне во гаснењето пожари. Но, се насобрала толпа околу полициската станица на главниот плоштад во градот, го извлекле од полициското возило и го нападнале.
На 38-годишна возраст, тој беше убиен откако беше жив запален од толпата, а некои правеле и селфи. Три жени и еден маж го избоделе со нож пред да го запалат, а маж му го избодел лешот откако умрел.