Албанија регистрира уште еден неделен црн биланс во однос на починати и новозаразени лица од Ковид-19 откако Министерството за здравство соопшти дека изминатата седмица починале 143 лица, меѓу кои и 22-годишна студентка од Ерсек, без други коморбилитети.
Во меѓувреме, според лекарите од Инфективната клиника, се забележува уште еден многу вознемирувачки феномен, а тоа е дека меѓу заразените се поголем е процентот на млади.
-Непочитувањето на анти-ковид мерките, како и занемарувањето на симптомите во првите денови од инфекцијата ги загрозува животите на младите. Загрижува појавата што младите го занемаруваат ризикот што им се заканува и се јавуваат во болница во последната фаза на болеста, изјави за Ора њуз, инфектологот Петрит Ѓорѓи од Инфективната клиника.
Додава дека агресивноста на вирусот не се намалува, што како „последица е високиот процент на починати“ и апелира на строго почтување мерката за носење заштитна маска и одржување дистанца.
Во меѓувреме во земјата продолжува процесот на вакцинација со која до сега се опфатени над 20 илјади здравствени работници и лица постари од 80 години.