Албанскиот технички комитет на експерти за справување со пандемијата со Ковид-19, потврди дека има тренд на раст на нови случаи на заразени и ги информираше граѓаните дека може да примат и четврта доза од вакцината.
Директорката на Институтот за јавно здравје и член на комитетот, Еугена Томини, по седницата, рече дека во последните две недели има зголемување на позитивни случаи и повика на поголема внимателност и имунизација, за која во последните месеци интересот е минимален.
-Веќе две недели трендот на зголемување на позитивните случаи се рефлектира во зголемувањето на процентот на позитивност и оние на кои им е потребно болничко лекување. Во 90 отсто од општините имаме активни случаи. Го информирираме населението дека може да примаат и четврта доза од вакцината и оти останува обврската за носење заштитна маска во затворени простории, каде што не се одржува потребното растојание, рече меѓу другото Томини.
Комитетот ги повика граѓаните да се вакцинираат како главно средство за спречување на инфекцијата, дури и оние кои ја поминале инфекцијата пред еден месец.
Според последните, вчерашни, податоци од направените 2.153 тестови, позитивен резултат е добиен кај 974 што е 45,2 отсто од нив. Моментно активни на болеста се 4.235 лица.