Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Агенција за вработување за 2022 година. Со спроведената ревизија ревизорите утврдиле дека исплатата на средства за паричен надомест во случај на невработеност во 2022 година се во висина од 1. 407.710 илјади денари, што претставува 42,62% од вкупните расходи на АВРСМ, и во однос на 2021 година исплатениот износ бележи намалување за 116. 247 илјади денари.
Со проверка на функционирањето на постапката за остварување на право на паричен надоместок на избран примерок на предмети за 2022 година ревизорите утврдиле дека кај дел од анализираните предмети документацијата е некомплетна, а дел од документацијата се обезбедува или се изготвува по истекот на законски утврдениот рок.
За реализација на вкупно 14 програми и мерки за вработување предвидени со Оперативниот план во 2022 година исплатени се вкупно 1. 420. 003 илјади денари односно 43% од вкупните расходи на АВРСМ.
Овој износ бележи зголемување во однос на 2020 и 2021 година и тоа за 148.902 илјади денари во однос на 2020 година, или во однос на вкупните расходи на АВРСМ за овој период се јавува зголемување од 4%.
Со анализа на поединечните мерки ревизорите утврдиле дека за три мерки – Субвенционирање на плати, Вработување и раст на правни субјекти и Практикантство за кои е исплатен вкупен износ од 468.126 илјади денари во ОУ1 и ОП2 не се вклучени одредби врз основа на кои ќе се изработат ранг листи на лица на кои ќе им бидат одобрени средства и лица кои ќе бидат одбиени во случај на поголем број на пријавени кандидати при што усвоена е пракса за одобрување на апликациите по принцип прв пристигнат прв услужен.
При распределбата на средства ревизорите утврдиле дека не е почитуван принципот на рамномерен регионален развој на осумте плански региони на начин на кој е дефиниран во ОУ и ОП. Притоа за дел од планските региони се исплаќа повисок износ на средства во однос на утврдените проценти за учество во Одлуката за класификација на планските региони според степенот на развиеноста. Повисок износ е исплатен кај скопскиот плански регион и планските региони во западниот дел од земјата при што во поедини случаи надминувањето е и двапати поголемо, додека за планските региони од централниот и источниот дел на земјата е исплатен понизок износ од утврдената квота со одлуката.
Во делот на административното работење на АВРСМ ревизорите утврдиле:
– слабости во делот на пописот на опремата и усогласување со податоците во сметководствената евиденција со фактичка состојба во однос на сметководствената евиденција на залихата на материјали;
– не воспоставен контролен механизам за следење на побарувањата по основ на остварените приходи од неуплатен придонес за вработување и невоспоставена меѓу институционална комуникација за евиденција на пресметана обврска за уплата на сите обврзници- исплата на додаток на плата заради зголемен обем на работа за кој не постои соодветен законски основ и без утврдени критериуми за избор на вработените лица кои го добиваат овој додаток;
– ангажман на лица вработени на определено време за вршење на редовни работни задачи при што се надминуваат и временските лимити за нивни ангажман;- интерните контроли во врска користење на средствата доделени за активните мерки за вработување се слаби, при што кај поедини ЦВ не се врши проверка и одобрување од страна на одговорните лица на доставените про-фактури и фактури кои се однесуваат за набавките на материјал/опрема услуги и изградба, дел од средствата се ненаменски потрошени за набавки кои не се поврзани со доставените бизнис планови на корисниците на средствата.
Во делот на Останати прашања ревизорите меѓу другото ги истакнуваат прашањата поврзани со утврдените состојби во делот на недоречености во делот на правната рамка која обезбедува услови за остварување на правата од ПН кои придонесуваат за не воедначена примена во пракса, кои се однесуваат на начинот на пресметка на висината на ПН при работа со неполно работно време и на условите за престанок на правото на ПН, се наведува во соопштението од ДЗР.
Орце Костов