Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Властимир Алексовски засега се тројцата официјални кандидати за претседател на СДСМ.
Рокот за поднесување кандидатури истекува попладнево во 16 часот. Дотогаш се очекува Јован Деспотовски да соопшти дали ќе биде четвртиот кандидат за партиски лидер, а можност за влез во изборната трка најави и Миле Зечевиќ.
Ковачевски и Ременски кандидатурите за претседател на СДСМ ги поднесоа во средата, а Алексовски вчера.
Согласно Статутот, СДСМ го избира претседателот на партијата на непосредни, вонредни внатрепартиски избори. Со Одлука на Извршниот одбор од 26 ноември 2021 година вонредните избори се распишани и ќе се одржат на 12 декември 2021 година (недела). Постапката за кандидирање почна на 27 ноември 2021 и трае седум дена. Право на кандидатура имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите согласно Статутот на СДСМ. За претседател на СДСМ може да се кандидира лице кое има најмалку пет години членство во партијата и кое најмалку еднаш било избран од Конгресот за член на некој од партиските органи.
Изборите на локално ниво ќе ги спроведат 80 општински изборни комисии и одбори на избирачки места.