Во 15 ДКП-а ќе се постават базни станици за брзо издавање пасоши на иселениците

by fokus

Во 15 наши дипломатско-конзуларни претставништва ќе бидат поставени базни станици со што ќе се олесни и забрза процесот на издавање патни исправи за нашите иселеници. Досега за издавање пасоши на барање од наши државјани кои живеат во странство мобилни екипи од МНР со опрема заминуваа во амбасадите, ги земаа податоците и вршеа фотографирања, потоа се враќаа во земјава каде во МВР ги обработуваа податоците, ги изработуваа пасошите, па повторно од МНР ги носеа обработените документи и ги издаваа на апликантите со што времето за издавање на патните документи беше во просек четири до шест месеци. За оваа цел четири пати во годината тимови на МНР патуваа во ДКП-та.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на промоцијата на новите базни станици по ДКП-а на која присуствуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, оцени дека тоа ќе претставува револуција во услугите што ги дава државата кон дијаспората, бидејќи граѓаните нема да мораат да доаѓаат во земјава еднаш во годината туку постојано, секој работен ден за тоа ќе можат да одат во ДКП-ата, а пасошите наместо за неколку месеци ќе ги добиваат за неколку недели.

– Веќе првата екипа од МНР тргна вчера за Германија, во моментот се инсталираат базни станици во Минхен, Бон и Берлин, а потоа и во Брисел. Втората екипа оди во Берн, Виена и Венеција. Третата екипа оди во Лондон, потоа ќе има мобилна станица во Стокхолм. Четвртиот тим ќе се упати во САД каде ќе инсталира базни станици во Њујорк и Чикаго, продолжувајќи го Канада, каде ќе биде инсталирана една мобилна станица во Торонто. Последниот петтиот тим ќе биде упатен во Австралија каде ќе биде инсталирана една Мобилна станица во Мелбурн. Од денеска почнуваме еден сериозен проект на кој навистина сум горд, рече Османи по повод почетокот на овој проект со кој што очекува со базни станици да бидат опремени сите наши ДКП-а.

Министерот за внатрешни работи Спасовски, истакна дека со проектот се излегува во пресрет на барањата на граѓаните на земјава кои живеат и работат надвор од државата, за кои еден од клучните проблеми беше брзо и навремено издавање на патни исправи за каков било личен документ односно за брзо и ефикасно остварување на уставните права на граѓаните.

Поврзани новости