Во 12 часот, студентите планираат да ги окупираат и техничките факултети, а со исто темпо се продолжува и окупацијата на Универзитетскиот кампус. Студентите утрово имале утринска гимнастика и алтернативни предавања, каде што дел од нивните професори кои им дадоа поддршка се таму и тие ги одржуваат предавањата.
– Сега во 12 часот ќе се окупираат техничките факултети. Ние продолжуваме со исто темпо, се додека владата не ги прифати нашите барања. Тука се и дел од нашите професори и заедно ја биеме битката – тврдат од Студентскиот пленум.
Екипата на „Фокус“ синоќа беше во ноќна посета на студентите, каде што можевме да забележиме дека тие доста креативно го поминуваат своето време. Дел од нив се испоседнати по скалите, дел цртаат, слушаат музика и ги пречекуваат луѓето кои цело време им доаѓаат во посета. Таму беа и шаторите во кои дел од студентите планираат да ја поминат ноќта.