Во 12 часот на видео-конференција ќе се носи одлука за почетокот на преговорите со Македонија

by fokus

Министрите за европски прашања на земјите членки на Европската Унија денеска точно на пладне имаат закажано видео-конференција на која се очекува да расправаат и да донесат политичка одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија.

Иако имаше дилеми од правен и организациски аспект за тоа дали Советот за општи работи (министрите за европски прашања) ќе може денеска да се состане, макар виртуелно, и да носи одлуки, сепак, според информациите што доаѓаат од европските главни градови, денеска ќе се донесе политичката одлука, која правно ќе се формализира утре со писмена процедура.

Глобалните медиуми кои имале увид во нацрт-заклучоците што се очекува да ги усвои Советот за општи работи на ЕУ јавуваат дека тие се различни за Северна Македонија и за Албанија.

За земјава, се носи одлука за отворање на пристапните преговори и се предвидува безусловно свикување на првата меѓувладина конференција „што е можно побрзо“, веднаш откако Советот ќе ја утврди преговарачката рамка што треба да ја предложи Европската комисија.

За Албанија, ќе има одлука за отворање на процесот, но закажувањето на првата меѓувладина конференција е условено со исполнување серија задачи.

Поврзани новости