766
По реакциите на јавноста дека гробот на кралицата на Ромската песна, Есма Реџепова – Теодосиевска е запоставен и никој не го посетува, нејзниот внук од брат, Аднан Реџеп, ни достави фотографии на кои се гледа дека врз нејзиниот гроб се ставени букети со свежо цвеќе. Тој вели дека го разбира револтот на народот и на почитувачите на неговата тетка, и уште еднаш замоли за трпение, бидејќи уметници од странство веќе започнале да работат на проектирањето на споменикот.
Есма почина лани, во декември, а според муслиманските обичаи, спомен плоча се поставувала една година по смртта.
,,Поставени се букети со свежо цвеќе, колку да не биде празен гробот, додека да се изработи споменикот. Значи ангажирани се уметници и ќе се прави споменик каде сите обожаватели на тетка ми Есма и тетин ми Стево ќе можат да дојдат и да им оддадат почит.Како што спомнав и минатата недела, јавноста ќе се вчудоневиди од убавината на споменикот’’ – вели Аднан, кој долги години живее и работи во Германија, а со Есма бил многу близок.
Долгогодишната менаџерка на Есма, Весна Ѓорѓиевска, пак ни кажа дека уште додека била жива, Есма побарала од роднина, уметник, да и изработи биста, за која сакала да и биде поставена на гробот. Сепак, Аднан вели дека бистата е премногу голема и нема да може да биде поставена во Бутел, но затоа побарал да биде изработена друга, во помали димензии.
,,Се прави помала биста, за да може да има место и за тетин ми Стево. И неговата урна ќе ја однесеме во Бутел. Тие двајцата треба да си бидат заедно’’ – раскажува Реџеп.
Инаку, урната на естрадниот уметник и музички педагог, Стево Теодосиевски се наоѓала во неговиот дом, на Кале. Тој почина во 1997 година, и биле испочитувани сите православни почести, а потоа бил кремиран.
Есма го запознала Стево на свои 11 години. Се пријавила на натпреварот ,,Микрофонот е ваш’’ без знаење на нејзните, победила, а Стево го открил нејзиниот голем талент.
Долги години и бил само пријател и ментор, а потоа на свои 23 години се вљубила во него, и се венчале.
Освен како големи уметници, беа познати и како амбасадори на хуманоста. Есма е автор на хитовите ,,Чхајорие шукарије’’ ,,Сите девојчиња мамо се мажија’’ ,,Рамче’’ и многу други. Стево, пак, ги компонирал ,,Зошто си ме мајко родила’’ ,,Свадба македонска’’ и други.
За нејзниот најголем хит, ,,Чхајорие шукарије’’ кој се пее во целиот свет, таа во минатото изјави дека се создал уште кога имала девет годни.
,,Песната сама ми дојде во уши, и си ја запишав во главата. Со таа песна започна се, и по толку изминати години му се допаѓа на светот. Со неа всушност, започна да се оставрува мојот сон’’ – раскажуваше своевремено Реџепова.
Со Стево одгледаа 47 деца, но ниту од нив не било законски посвоено. Својот имот го остави на државата, односно на Министерството за култура, а нејзини внуци од сестри и браќа набргу потоа порачаа дека ќе си ги бараат своите права.
Вики Клинчарова