Договор склучен помеѓу државната ЕСМ и фирмата на Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети во кој стои дека истата фирма има само еден вработен а има добиено концесија уште од претходната влада на СДС и ДУИ за ископ на варовник во вредност од 3.600.000 денари, објави денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
-Дрин Ахмети е сопственик на фирма Еверест ЏД којашто има концесија за ископ на варовник, и таа концесија е некаде 16, 17 години и е добиена уште во времето на претходната влада на СДС и ДУИ. Договорот се однесува на купопродажба на варовник од страна на ЕСМ и изнесува околу 3.600.000 денари. Значи станува збор за фирма која што е од кланот на Ахмети и која што склучува договор со државната ЕСМ, значи ги троши народните пари. Симптоматично е што до нас стигна информација дека оваа фирма има само еден вработен. И сега доколку е тоа така како тогаш може тој еден вработен да подготви и апликација за тендерска документација, како може да ги врши ископи итн. Значи прилично сериозен случај како овој со купувањето на Соравиа и за којшто треба да се заинтересираа институциите, објасни Ковачки.
Ковачки ја повика ДКСК веднаш да постапи за овој случај.
Ковачки го повика и Ковачевски да се произнесе за овој случај и да одговори дали знаел и доколку знаел зошто не постапил за испумпување на пари од ЕСМ на овој начин.
Тој повтори дека симптоматично е што внукот на Али Ахмети со фирма основана од пред 2 години која има основачки влог од 50.000 евра и која што работи со загуба може да го купи трговскиот центар Соравиа за 30 милиони евра, потенцирајќи дека се поставува прашањето од каде се тие пари на кланот Ахмети.