Внуката на исчезнатиот чичко Пепи кој беше пронајден мртов, денеска се обрати на Фејсбук и им се заблагодари на сите оние кои се вклучија во потрагата која траеше две недели.
„Збогум вујче Пепи
Драги пријатели, вчера наутро е пронајдено телото на вујко ми Пепи, во околината на Злокуќани. Веројатно е починат во првите два дена по исчезнувањето. Идентификуван е врз основа на облеката и трагите од операцијата на срцето. Не се сомневаме дека е тоа Пепи, но, додека не се направат ДНК анализите не може да го погребаме, ќе известиме за погребот дополнително.
Фала ви премногу од име на целото семејство на сите добри луѓе за огромната помош во потрагата по вујко ми, за сета љубов, енергија и поддршка.
Навистина се надевам дека многу луѓе ќе научат нешто од нашата ситуација- огромен е бројот на луѓе во Македонија кои живеат со некаква форма на деменција, а 6 од 10 луѓе со деменција “отшетуваат” како вујче Пепи и се губат, не сфаќаат дека се изгубени и не знаат да побараат помош. Ако видите човек на улица кој делува збунето, изгубено, пријдете му, направете муабет и задржете го, доколку имате и најмала сомнеж дека се работи за изгубен човек, не го губете од вид и јавете се на 192 полиција, можеби ќе спасите нечиј живот. Ако се грижите за близок со деменција, набавете ГПС часовник или слична ГПС направа – за жал вакви работи се случуваат, дури и кога ги гледаме 24-7.
Фала ви уште еднаш на сите“.