Не запира трендот на пораст на „внатрешниот долг“. Доспеаните, а неплатени обврски на институциите на централно и на локално ниво, на јавните претпријатија, општините, државните фирми, на крајот од првото економско полугодие изнесува над 443,5 милиони евра, пишува „Порталб.мк“.
Долгот на Јавното здравство се приближува до 100 милиони евра – со пораст и на квартално ниво и во однос на лани. Долгот по основ на неплатени комуналии, греење, транспорт надмина 120 милиони евра.
Здравството, јавните претпријатија и општинските ЈП, државните фирми, за три месеци ги зголемиле долговите. На крајот од јуни, според новите податоци од Министерството за финансии вкупниот внатрешен долг достигна 443,5 милиони евра и во однос на првиот квартал е зголемен за скоро 2,2 милиони евра. На прво место со доспеани а неплатени обврски во износ од речиси 164 милиони евра се Јавните претпријатија и државните фирми, на второ место се Јавните здравствени установи со долг од 95,4 милиони евра а на трето место се општинските Јавни претпријатија со должнички износ од 80,3 милиони евра.
Во споредба со состојбата на крајот на декември 2022, или само за шест месеци, вкупниот внатрешен долг е зголемен за 25 милиони евра. Податоците покажуваат дека дури 228 милиони евра е долг кон јавниот сектор а 193 милиони евра кон приватен сектор, невладини организации и здруженија.
Споредбената анализа на квартално ниво покажува дека драматично се зголемени долговите за комуналии, греење, транспорт. На крајот од вториот квартал доспеаните а неплатени обврски по овој основ надминале 120 милиони евра, што е за скоро 42,2 милиони евра повеќе во однос на состојбата во првиот квартал. Позначајно зголемување има на долгот по основ на договорни услуги, за три месеци е зголемен за скоро 6 милиони евра
На новата должничка листа со највисок износ на доспеани а неплатени обврски со МЖ Транспорт со 64,9 милиони евра, МЖ Инфраструктура со пријавени неплатени обврски во износ од скоро 34,4 милиони евра, ЕСМ Дистрибуција со долг од 27,6 милиони евра, на четврто место е ЈУ од областа на здравството ( заедничка служба за снабдување на здравствените установи) со долг во износ од 21 милион евра а на петто место е Општа болница Кичево со доспеани а неплатени обврски во износ од 19,1 милион евра.
Токму јавното здравство е еден од државните сектори кои за три месеци го зголеми долгот. Во однос на декември лани, или за шест месеци Јавното здравство го зголемило долгот за речиси 11 милиони евра.
Освен Општа Болница Кичево која котира високо според висината на долгот, на листата во 30 те “најзадолжени“ се: Клиниката за трауматологија и Ургентен центар со доспеани а неплатени обврски во износ од 5 милиони евра, Општа болница Куманово со 3,4 милион евра, Универзитетска клиника за гинекологија со доспеани а неплатени обврски во износ од скоро 3 милиони евра а овој износ го должат и ГОБ 8 ми Септември, Клиниката за торакална хирургија и Институтот за трансфузиологија.
На нова должничка листа се наоѓаат болниците од речиси сите градови во земјава. Долгови повисоки од 2 милиони евра пријавиле скоро сите скопски клиники – за хематологија, неврологија, дигестивна хирургија, кардиологија како и Институт за белодробни заболувања Козле.