Вмровците сакаат да се спасат како Бучковски со барањето за индиректна амнестија

by fokus

Во преговорите на лидерските средби претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и неговата придружничка, Тања Каракамишева, побарале амнестија за обвинетите од 27 април, но и за дел од обвинетите во предметите на Специјалното јавно обвинителство. Премиерот, Зоран Заев, категорично го одби ваквиот услов. На прес коференција после средбата изјави дека нема да се прифаќа ниту директна ниту индиректна амнестија.

Зборот индиректна амнестија не постои во кривичното право, но е честа пракса во македонското судство. Правниците велат дека тоа би значело заташкување на предметите со цел обвинетите да куртулат од одговорност, а и ваквиот тек на процесите да не предизвика бурна реакција во јавноста. Вин вин ситуација и за власта и за опозицијата.

Неофицијално случајот со Владо Бучковски и судскиот процес против него за тенковски делови бил споменат како пример за таа евентуална индиректна амнестија. Тоа би значело пролонгирање на случаите, нивно влечкање и паѓање во заборав, па и нивно паѓање на суд откако на јавнота ќе и биде свртено вниманието кон нешто друго.

Антикорупционерката Слаѓана Тасева, за „Фокус“ вели дека за вакво барање не треба ни да се разговара.

-Една опција е да бараат амнестијата директна, односно да се донесе закон како и во други случаи што правеле. Индиректно значи се друго, односно да се избегнува водење постапки, нивно одолговлекување, да нема ефективни прсуди. Но тоа нам ни се случува цело време овие 20 години, постојано е некој амнестиран од одговорност и ставен во сферата на недопирливост. Мислам дека треба многу јасно да се каже „не“ на ова – вели Тасева.

Адвокатот, Алелсандар Тортевски, пак, вели дека доколку власта прифати вакво нешто ќе покаже дека и понатаму е во спрега со судството.

-Амнестија Заев може да донесе во парламент и тоа е во рамки на нивните овластувања. Тоа е прашање на политичка волја. Но тоа не би било во ред. Доколку Заев би го направил тоа, би ја изгубил поддршката на јавноста која бара правда и би покажало дека Заев на криминален начин го контролира судството – вели Тортевски.

Сепак Заев рече дека изрично одбива било каква амнестија. Освен тоа прифаќањето на индиректната амнестија би можел да ги загрози преговорите со ЕУ, затоа што Советот на министри на ЕУ датумот за почеток на преговори го услови со „обвиненија и конечни пресуди во случаите на корупција и организиран криминал“.

Маја Васева

 

Поврзани новости