Досадни настапи, полни со веќе видени лаги, полупразната сала која наликуваше на игранката пред кооперација покажа дека со Ковачевски и Зечевиќ е завршено, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ по денешната трибина на СДСМ во Скопје.
„Тие се предводници и на чело на криминалната структура која управува со земјата. И тие ќе бидат жестоко поразени од народот на предвремени парламентарни избори. Ковачевски со своите политики покажа дека е најголемото промашување на СДС. Наместо да кажува басни и однапред напишани говори добро беше да даде одговор како тоа криминалци и пробисвети кои се во брак со власта наместо во затвор стануваат угледни граѓани на оваа држава?“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Воедно, од партијата на Христијан Мицкоски прашаа како луѓе кои се невини се влечат по затворите додека најголемите криминалци се најдобри пријатели на владата, како партиските штабови на СДС ги наполнија судските институции и праводсудството, како оди Македонија напред кон ЕУ кога нема преговори туку нови уцени на штета на нашиот идентитет?
„Лебот не поевтини, струјата поскапи. Компаниите не добија поддршка, а инфлацијата го осиромашува народот. Место на големата маса на ЕУ нема за арамии и луѓе кои ја разградуваат Македонија. Место на големата маса на ЕУ нема за премиер кој брои милиони преку фирми како што тоа го прави во аферата Броило на грбот на осиромашувањето на народот. Ниту пак за членови на влада кои се папочната врвка со криминалот во државата“, велат од опозициската партија.