За сите постапувања на судот и обвинителството одговори треба да се побараат во судството и владата на Ковачевски и неговите сопартијци кои градеа кариери на овој случај, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако Апелација го врати на повторно судење случајот за масовното прислушување, каде обвинет е Сашо Мијалков.
„Едно е сигурно и очигледно во Македонија, а тоа е дека клиентелизмот, корумпираното судство и обвинителство преполно со кадрите на ДУИ и СДС, за што можевме да се увериме и во претходниот период со последните кадровски решенија во ОЈО, Судскиот совет и Академијата за судии и обвинители, каде од партиски штабови седнуваат во професионални институции, говори за тоа дека правосудниот систем во државата е клекнат на колена. Во Македонија нема случај каде е победила правдата до крај, а вистината е дека правосудниот апарат се користи за политичка пресметка и заштита на политички интереси на власта“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, Мијалков беше директор на тајната полиција додека шеф на ВМРО и премиер беше неговиот братучед Никола Груевски, но партијата го исклучи после промената на Уставот според Преспанскиот договор.