Викендот на трибини, собири и партиски настани што ги организира ВМРО-ДПМНЕ утре треба да се заокружи со собир во спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој ќе започне во 15 часот, најавија од партијата.
„ВМРО-ДПМНЕ порачува дека време е за крај на политичката криза. Време е за крај на деструкциите, конфликтноста, поигрувањето со чуствата на луѓето, крај за штетите на угледот на државата. Без оглед на желбите и сценаријата на нашите опоненти ние секогаш сме се одликувале со поразлична свест од нив“, порачуваат од таму.
Инаку, потпретседателот на опозицискиот СДСМ, Александар Кирацовски, во својство на дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација, вчера обвини дека вработени во администрацијата му пријавиле оти трпеле притисоци за да излезат на партиски собири и да гласаат на претстојните парламентарни избори.
-Ми беше доставен список од 2.000 лица на кои раководители и шефови – кадри на ВМРО-ДПМНЕ, имале намера да им ѕвонат и да бараат од нив да излезат на протести и контра-протести и на избори како нивни сигурни гласачи. Тука има конкретни имиња, презимиња, адреси, избирачки места, телефонски броеви на луѓето. Но, тука ги има и податоците на оние кои ги правеле овие списоци и се обидувале да влијаат – рече тој.
И од коалицијата за Промени и правда предводена од Павле Трајанов и Јове Кекеновски соопштија дека поседуваат сознанија, според кои носители на високи позиции во државните институции и директори на јавни претпријатија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ деновиве прават списоци на вработени и вршат притисок врз да подготват список на потенцијални гласачи.