„ВМРО се отвора кон сите што се за економија наместо корупција“

Во пресрет на утрешниот партиски Конгрес, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски за Фокус вели дека партијата ќе промовира нова доктрина.

by Фокус

На утрешниот Конгрес после победата на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со нова доктрина која ќе го постави концептот на работа во следниот период, и таа доктрина ќе опфаќа цел спектар на гледишта кои се и десно, ценар-десно и на центарот, а зошто да не бидат дел и центар-лево, во еден збор – сите што се против криминал и корупција, а за подобар животен стандард и економија, да се видат себе во новата доктрина, вели за Фокус потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

-ВМРО-ДПМНЕ останува народна, демохристијанска и центар-десна партија, а сега сакаме малку да ја отвориме партијата. Сакаме во неа да се препознаваат сите. И она што е многу значајно, тоа ќе биде партија за сите кои не сакаат корупција, а сакаат подобар животен стандард – истакнува Николоски.

Тој посочува дека станува збор редовен партиски Конгрес, на кој, како што вели, довербата повторно ќе ја добие лидерот Христијан Мицкоски откако во претходните 4 години ја стабилизирал партијата и ја трасирал на победнички патеки.

-Сега ВМРО-ДПМНЕ е победничка партија, кредибилен партнер на граѓаните, партија посакувана за партнер од сите политички партии, партија партнер на меѓународната заедница, граѓанското општество. И сега е сериозно подготвена да ја води Македонија – рече Николоски.

Според него, уште следната година ВМРО-ДПМНЕ ќе ја презеде власта, а Мицкоски ќе стане премиер, кој, како што вели, за 4 години ќе ја стабилизира и државата.

-За овој еден месец, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ сработија повеќе отколку СДСМ за 4 години – смета потпретседателот на опозициската партија.

В.С.

Поврзани новости