ВМРО-ДПМНЕ и денеска продолжи да ја прозива владата во однос на случајот со 13-годишното девојче од домот „25 мај“, кое било сексуално злоставувано.
– Очигледно дека еден ваков скандал воопшто не може да ѝ го расипе викендот на министерката која без око да и трепне најавува дека после викендот ќе се решавал случајот кој ја потресе јавноста во кој било силувано и забременило девојче, а потоа истото абортирало. Замислете девојче за кое државата презело одговорност да се грижи, поминува низ тешки моменти, а министерката дури утре комисиски ќе го разгледува – рече Марија Андоновска од опозиската партија.
Од СДСМ и возвратија дека времето кога институциите беа инертни и незаинтересирани за граѓаните и не преземаа ништо заврши со заминување на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција.
„Јавноста веќе неколку денови е запознаена со мерките што надлежните институции ги преземаат за расчистување на овој случај, за заштита и поддршка на малолетната жртва и за идна превенција од повторна појава на вакви или слични случаи. За жал, овој случај ја потврдува неопходноста од темелни промени во општеството и истовремено докажува дека ВМРО-ДПМНЕ покрај лажните вести што ги создава е подготвена и да злоупотребува лични трагедии и судбини за политички цели“, соопштија социјалдемократите.