Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги повика Левица и независните советници од листата Шанса за Центар, предводена од Јана Белчева, да се обединат во Советот на Општина Центар.
-Како носител на листата на Коалицијата која освои најголем број на советници ги повикувам партијата Левица со носителот Марија Среброва и независниот кандидат Јана Белчева, кои презентираа прекрасни проекти за време на кампањата, да се обединиме околу неколку најважни точки кои ќе донесат поквалитетен живот за сите нас во општина Центар – рече носителот на советничката листа за Центар од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Лазарев.
Белчева експресно ја одби понудата, велејќи дека советот не е место за политички коалиции, туку единствено може да се соработува врз база на вредности и добро издржани проекти.
-Коалицирање со политички партии нема, ќе коалицираме со вредности и со принципи за решенија базирани на квалитетни анализи и ако видиме издржани проекти. Но нема да правиме политички и партиски коалиции. Советот треба да е место за конструктивна дебата и обединување околу најдобрите решенија – изјави Белчева за Нова.
Засега, нема одговор од Левица, но, според досегашните изјави од претставници на партија, за секоја општина ќе се одлучува посебно во однос на евентуална соработка со опозицијата, зависно од спецификите на локално ниво.