ВМРО обвинува дека фирми поврзани со Заеви земале 13 милиони евра од Еуростандард без покритие

by Фокус

Дури 29 струмички фирми директно поврзани со фамилијата Заеви оствариле профит од 13 милиони евра од невраќање на кредити кои ги земале без покритие од Еуростандард банка, изјави на денешната прес конференција, Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Во време во кое вие не можете да врзете крај со крај, фирмата Сара Инжинеринг на Вице Заев, како и Глобал Медиа груп и Тритерол, кои се фирми на бизнис партнерите на Заеви, земале кредити без покритие и од невраќање се стекнале со богатство од 13 милиони евра. Имате 13 милиони причини за револт, за протест и за барање правда. Во време во кое 40.000 граѓани се без работа, поврзани фирми земале фиктивни кредити без никаква одговорност да ги вратат парите. Овие фирми со месеци наназад не ги плаќале кредитите во Еуростандард банка – вели тој.

Не е возможно фирми да земаат кредити, истакнува тој, во време кога банката е под надзор од НБРМ без никаква контрола.

-Тие фирми потоа кредитите не ги враќаат и никој не забележува, никој не реагира. Овде се работи за организиран криминал, каде директно оштетени се клиентите на банката, бидејќи се работи со измама на нивните пари. Зошто се уште се молчи од институциите? Дали молкот е за да се дозволи фирми блиски до фамилијата на власт да прават милионски профити користејќи туѓи пари? – прашува Андоновски.

Поврзани новости