ВМРО-НП: Владата на ВМРО-ДПМНЕ сепак решила да ја витка кичмата и недостоинствено да се однесува кон трагедијата на македонскиот народ

by Fokus

„Конечно стана јасно зошто една недела Владата на ВМРО-ДПМНЕ правеше политичко шоу околу протоколарните пропусти со Република Бугарија. Имено, се работи за дефокусирање на јавноста за да во исто време, на 22 септември, на врвот Кајмакчалан зад очите на македонската јавност, а притоа без никакви информации биде одбележана 108 годишнината од битката на Кајмакчалан“ соопштија денеска од ВМРО-Народна партија.

Оттаму велат дека „со многу српски знамиња без ниту едно македонско знаме, во присуство на потпретседателот на македонската Влада и високи српски државници ја одбележаа `окупацијата на Македонија`. Во нивните говори ниту еднаш не беше спомнато името на државата во која престојуваат, во нивните говори окупацијата на Македонија десетина пати беше наречена `ослободување`, во нивните говори Кајмакчалан беше нарекуван како `врата на Кралството Србија`, а Битола град во Кралството Србија“.

„Да не спомнуваме дека Единаесеттата македонска дивизија која се бореше од другата страна против српската окупација во Македонија никој не ја ни спомна.
Очигледно Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја продолжува традицијата после славната прослава на Зебрњак во времето на Никола Груевски во која `окупацијата на Македонија` ја прославуваме токму самите ние. За ВМРО-Народна партија е жално да се гледа како владата на ВМРО-ДПМНЕ сепак решила да ја витка кичмата и толку недостоинствено да се однесува кон трагедијата на македонскиот народ“ велат од ВМРО-НП.

Од партијата потсетуваат – „во времето додека живеевме во Југославија и Македонија под водство на Лазар Колишевски празниците на српската окупација не беа празнувани и за тој период учевме дека тоа е најтешкиот период за македонскиот народ, а тогашната македонска левица и десница ја нарекуваше `зандана на народите`“.

Поврзани новости