ВМРО-Народна партија ја искажува својата разочараност од двете најголеми политички партии во македонскиот блок, за тоа како ја прикажуваат посетеноста на нивните митинзи. Нивното соопштение ви го пренесуваме интегрално:
Бидејќи и двете партии искажуваат огромно задоволство од бројот на нивните членови кои учествуваа на митинзите и заради тоа секоја засебе си зеде за право да прибави легитимност на своите ставови, сакаме да ги потсетиме :
Изминативе години ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во континуитет имаат бројно членство и стабилно гласачко тело, така што во секое време можат да ги постигнат овие бројки. Непобитен факт е дека и двете политички партии на своите митинзи, немаа повеќе од 15 % од вкупниот број на нивни гласачи. Сметаме дека тоа и не е големо достигнување и прашуваме, дали отсуството на најголемиот број на нивни гласачи, значи и несогласување со нивните политики и начинот што го одбрале за разрешување на политичката криза.
Ако на ова го додадеме и целосното отсуство на неопределени граѓани на митинзите, повеќе од јасно е дека граѓаните не го одобруваат ваквиот начин на надминување на кризата.
И по одржувањето на двата митинзи, кризата остана и продолжува да се разгорува. Напротив, нема никаков позитивен исчекор. Напразно и двете партии ги убедуваа своите членови за конечна разрешница со сопствен триумф и капитулација на политичкиот противник.
ВМРО-Народна партија од секогаш силно го подржувала политичкиот дијалог за кој нема алтернатива, како начин за разрешување на секој проблем и заради тоа, ги упатува двете политички партии оваа тешка политичка криза да ја разрешат по институционален и политички пат, со помош на меѓународната заедница. Постигнатиот договор на ваков начин, ќе биде гаранција и за остварување на нашите евроатлантски аспирации.