ВМРО-ДПМНЕ: Ден по лиценцата за надзор, „Електра солушнс“ добила и 65.000 евра грант од ФИТР

by Fokus

ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со нови детали и тврдења поврзани со компанијата „Електра солушнс“, една од четирите фирми кои се дел од конзорзиумот кој ќе врши надзор над изведбата на коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Според партијата, компанијата, еден ден по добивањето на лиценцата за надзор, добила грант од Фондот за иновации од 65 000 евра за проект „Дигитално решение за управување со градежни проекти“, која наводна иновација, велат од ВМРО-ДПМНЕ, очигледно ќе ја користат при надзорот. Потсетија дека и самото добивање на лиценцата за надзор е сомнително.

„`Електра Солушнс` не само што нема искуство, бидејќи е фирма за производство на долна облека која во последен момент се префрла во градежништво, туку и за лиценцата за надзор поднесува барање 12 дена по распишување на повикот за доставување на понудите, а ја добива пет дена потоа. Брзината со која ‘Електра солушнс’ се вклопува во новиот бизнис и станува миленик на власта не застанува тука. Имено, еден ден откако истата добива лиценца за надзор, таа добива грант од Фондот за иновации од 65 000 евра за проект `Дигитално решение за управување со градежни проекти`. `Електра солушнс` од фирма која нема никакво искуство од надзор, станува преку ноќ експерт и од фирма за производство на долна облека наплатува 65 000 евра за наводна иновација на програма, која очигледно ќе ја користат при надзорот“ – рече денеска на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.

Тој напомена дека, „премиерот Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер Артан Груби, не само што проектот за надзор го дале на фирма која нема никакво искуство при надзор, не само што преку ноќ вади лиценца, туку и со буџетски пари наплаќа алатка за надзор“.

Јавното обвинителство не смее да остане пасивно, порача Стојановски.

„Власта првин тврдеше дека надзорот ќе го вршат странски експерти, а домашните се само локална помош, за на крај да се испостави дека главен играч околу кој се врти целиот тендер е фирма која произведувала долна облека, а за лиценца за надзор поднесува барање дури откако се распишува огласот за поднесување на понуди за надзорот на коридорите 8 и 10-д, за ден потоа да добие и грант“ – истакна тој.

Дел од конзорциумот кој го доби тендерот за надзор на изградбата на автопатите од Коридорите 8 и 10-д се две странски (италијанската ИРД и шпанската „Ептиса“) и две домашни компании („Електра солушнс“ и „Евро консалтинг“).

 

Поврзани новости