По вчерашното соопштение кое како свој став на Фејсбук го објави и претседателот на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, дека македонските партизани го ослободиле Скопје со помош на првата бугарска армија, ВМРО-Народна партија излезе со ново соопштение со кое го дообјаснува својот став, но ја коменитра и реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ дадена за „Фокус“.
-ВМРО-Народна партија зборува за конкретен ден, 13 ноември 1944 година во кој според сите светски извори вклучително во најново време и српските, бугарската армија после превратот на 9 септември 1944 година и формирањето на татковинскиот фронт земала учество во ослободувањето на Македонија, Косово и Србија од германските фашисти и на крајот во најактивната битка, битката на Сремскиот фронт.
На тој пат има ослободено повеќе градови во источна Македонија, водела голема битка кај Страцин против германските фашистички сили и учествувала во ослободувањето на Скопје, а понатаму кон Косово и Србија, објаснуваат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ пак за изјава за „Фокус“ ја повика СДСМ и премиерот, Димитар Ковачевски кои се во коалиција со партијата на Георгиевски да кажат дали и тие го делат истиот став со ВМРО-Народна партија дека Бугарите го ослободиле Скопје.
-Со тоа ВМРО-ДПМНЕ пак потврдува дека се уште живеат во идеолошките матрици на комунизмот и треба да го постават прашањето што мисли светската историска наука, а не нивните индоктринирани умови.
Конечно во нашето прво соопштение имаше и една друга провокација до ВМРО-ДПМНЕ, а и до другите сили кои учествуваат во антибугарската хистерија, јасно и гласно да ни кажат кои беа фашистите во Скопје на 13 ноември 1944 година, се додава во соопштението.
Партијата на Георгиевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ како идеолошки наследник на Вардарскиот четнички корпус продолжува да биде носител на антибугарската хистерија во Северна Македонија.