Главен извор на финансии за ВМРО била услугата од продажба на бугарско државјанство на Македонците преку две фирми, едната за превод, а другата е адвокатска фирма. ВМРО носи политичка одговорност, а Каракачанов лична и политичка одговорност“, овие обвинувања ги изнесе независниот пратеник во бугарскиот парламент, Велизар Енчев, по апсењата во Државната агенција за Бугарите во странство.
Енчев бара бугарскиот министер за одбрана и лидер на ВМРО да си поднесе оставка.
-Ситуацијата на вицепремиерот Каракачанов е под прашање, тој треба да си поднесе оставка или да биде отстранет од Владата до разјаснување на сите околности. Фактите кои се пред мене зборуваат за таква директна врска – рече пратеникот.
Енчев тврди дека за еден бугарски пасош биле земени од 550 до 1500 евра.
Според неофицијални информации за тековните апсења, станува збор за тарифник чии цени се движеле и до 5.000 евра за издавање на сертификат за бугарско потекло.
Бугарија веќе трет ден ја тресе аферата за издавање на бугарски пасоши, откако дваесетна лица беа уапсени под сомнение дека се дел од организирана криминална група, која примала мито за издавање фалсификувани сертификати за бугарско потекло. Меѓу уапсените е и шефот на Агенцијата за Бугари кои живеат во странство, Петар Хараламипев. Тој се сомничи дека ја предводел групата и дека земал мито. Хараламиев јавно ги негираше обвинувањата.
Според обвинителството баратели на ваков сертификати претежно биле лица од Западен Балкан, Молдавија и од Украина, а плаќале и до 8.000 евра за документ.
Последните информации од бугарското обвинителство се дека е поднесено обвинение и против висок државен функционери.
Каракачанов, пак, вчера остро ги демантираше обвинувањата во кои се споменува неговото име. Тој тврди дека секогаш ја бранел каузата етничките Бугари од Македонија, Молдавија и Украина да добијат државјанство со поедноставена постапка.
-Ова е политички напад. Така реков и пред некој ден. Ако се докаже дека сум зел макар и стотинка, на плоштадот ќе се застрелам со пиштолот што го поседувам законски – изјави Каракачанов за бугарскиот портал „Епицентар“.
Инаку, според официјални податоци од Бугарија до сега се издадени 153.000 пасоши преку овие процедури, а 38.000 се во процес на издавање. Како што соопштуваат тамошните медиумите, најголем интерс за добивање на бугарските документи има кај Македонците, кои само минатата година поднеле 10.000 барања за добивање потврда за бугарско потекло.