Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека опозицијата ќе го блокира Законот за амнестија којшто го предложи Министерството за правда кој предвидува намалување на казните за дел од затворениците.
-Тој закон кој што е предложен, а од вчера и на јавноста достапен е Закон за амнестија на криминалци за кои одредени политички партии во минатото даваа ветување дека или ќе бидат ослободени целосно или делумно. За жал, тие политички партии или дел од тие полтички партии денеска се од владата и можете да видите дека таквиот закон не одговоара ама буквално ниту на потребите, ниту на очекувањата на граѓаните и во име на тоа ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да го поддржи овој Закон за амнестија, туку и истиот, преку демократски алатки, ќе го блокира, рече Мицкоски.
Министерот за правда преку Фејсбук статус му врати на Мицкоски со фотографии од распадната фасада од зграда за Скопје 2014 и од затворите во распаѓање со пораката: „Ние сме лудаци. Немаме за леб, трошиме за чоколадо“!
Од затвор излегуваат сите осудени до 6 месеци, оние со казни над 6 месеци ќе добијат за 30% намалени казни затвор.