ВМРО и СДСМ на различна бранова должина – Како се ковал и зошто пропаднал планот за враќање на Груевски?

Вицепремиерот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ тврди дека постоел план за враќање на Никола Груевски, кој, според него, бил скован од Стево Пендаровски, ДУИ и структури на СДСМ. Додека Николоски вели дека ваквиот план го осуетиле тој и Христијан Мицкоски, поранешниот премиер Димитар Ковачевски од СДСМ истакнува дека таков план немало и времето покажало дека тоа не се случи.

by Фокус

„Со среќа и со ум“ – ова, после убедливата победата на двојните избори, им го порача поранешниот премиер Никола Груевски на неговите наследници во ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски, со што всушност сопре спиралата на негативни пораки и остри тонови меѓу двете страни, која се отвори откако Мицкоски пред изборите го обвини Груевски дека е дел од валкана игра на власта за поделба на партијата и насилно туркање на уставни измени.

Мицкоски и Груевски си разменија тешки обвинувања, но и ниски удари за печатни грешки и лажни солзи!

Арно ама, и по формирањето на новата влада на Мицкоски, која се потпира на безмалку двотретинско парламентарно мнозинство, повремено се реактуелизира темата дали Груевски бил дел од некакви предизборни политички игри? Односно, дали бил дел од план на поранешната власт за предизвикување на раскол во тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ? Или, пак, тоа било само во доменот на теориите без реална поткрепа, бидејќи таква операција била неизводлива?

Актуелниот пратеник Димитар Ковачевски, кој беше премиер и лидер на СДСМ до изборите, на поткастот „Каде се парите“ рече дека немало обид за враќање на Груевски во земјава ниту преку измените на Кривичниот законик, ниту на било кој начин. Според него, тоа било неизводливо и времето покажало дека тоа не се случи. Плус, како што истакнува, тоа немало резон и во контекст на фактот дека невозможно било формирање на коалиција на СДСМ со проевропски албански блок.

Тој Кривичен законик (измените) е направен во делот на бришење на бланкетна одредба која никаде не постои. Ако ги земете германското, словенечкото и било кое законодавство во Совет на Европа такво нешто не постои. Истовремено, гледате дека КЗ не е пречка да има истражни постапки и осудителни пресуди, не беше проблем ни во време на мојата влада да биде отворен случајот „Онкологија“ – рече Ковачевски.

Тој додаде дека СДСМ никогаш не лиферувал соопштение, ниту на состанок на партиските органи се разговарало за опција за враќање на Груевски. Како што потенцира, се потврдило дека тоа не е точно, оти и покрај направените законски измени тој не се врати, бидејќи тие не ги тангираат неговите случаи. Единствено, според него, ќар имале поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои се на високи позиции и во актуелната власт.

Такво нешто немало и се потврди дека немало, бидејќи не се случи со оглед дека тоа е неизводливо. Човекот има потерница и по таа потерница треба да се врати и да се соочи со правдата. Не можеше да се направи голема коалиција меѓу СДСМ и албанските партии, бидејќи албанската опозиција која беше окрупнета, засилена и логистички поддржана од Косово, имаше свој претседатески кандидат, проминентна политичка фигура Таравари. Тоа ДУИ го стави во позиција да истрча со свој кандидат… – рече поранешниот премиер и лидер на СДСМ.

Оттука, може да се забележи дека Ковачевски се уште некритички зборува за измените на Кривичниот законик, со кој се намалија казните за делото „злоупотреба на службена положба и овластување“ и така многу случаи застареа, иако неговиот наследник на лидерската позиција во СДСМ, Венко Филипче, рече дека тие законски измени биле грешка. Неодамна, Филипче за „Фокус“ изјави дека и тогаш и чувствувал дека овие законски измени биле грешка, но воедно истакна дека не ги знае мотивите зошто биле донесени.

Филипче за „Фокус“: Не ги знам мотивите за измените на Кривичниот законик, но и тогаш и сега чувствувам дека тоа беше грешка!

Она што е побитно од вистинските мотиви за спорните измени на КЗ во брза постапка преку ноќ е фактот што никој никогаш не тврдел дека тие се прават исклучиво за амнестија или целосна амнестија на Груевски, туку, како што објави и „Фокус“, планот на тогашната власт беше тоа да се направи преку Врховниот суд, т.е. преку прифаќање на генералната амнестија на експретседателот Ѓорге Иванов. Како што е познато, Врховниот суд одби да учествува во такво сценарио и ја алармираше меѓународната заедница дека трпи притисоци од власта.

Ахмети тврдел дека има план за Груевски – ќе помогне од далечина или ќе се врати во земјава?

Во врска со оваа тема, на истиот поткаст говореше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и вицепремиер Александар Николоски. За разлика од Ковачевски, Николоски тврди дека имало план за враќање на Груевски, кој, според него, бил главно спроведуван од тогашниот претседател Стево Пендаровски и негови блиски луѓе. Во овој план, вели тој, биле вклучени ДУИ и структури на СДСМ блиски до генерален секретар, а Ковачевски, според него, бил маргинално информиран или воопшто не бил информиран.

ВМРО-ДПМНЕ беше црн ѓавол за ДУИ кога требаше да прави коалиција со Зоран Заев во 2017 година и ја доби на поклон од Заев двојазичноста. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ беше црн ѓавол за ДУИ во 2020 година кога од Заев ја доби пола влада сосе премиер. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ беше црниот ѓавол и тоа траеше некаде до доцна есен лани, кога не им успеа планот што го сковаа заедно со Пендаровски и со уште неколку високи функционери, а идејата беше да се направи раскол во ВМРО-ДПМНЕ, да се формира нова политичка партија – вели тој.

Николоски посочи дека ова сценарио пропаднало откако Мицкоски дал интервју за германски ФАЦ, а тој во јавност извадил УСБ-стикче, на кое, како што вели, биле донесените измени на Кривичниот законик. По пропаста на планот, додава тој, ДУИ почнала да се врти кон ВМРО-ДПМНЕ и да говори дека ќе биде дел од владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Па така цела пролет 2024 година зборуваа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите, но ДУИ ќе биде дел од владата, а дел што беа похрабри зборуваа дека тие ќе ги диктирале условите, ќе кажувале кој да биде премиер, министер. По завршување на изборите истото го зборуваа се додека не станаа свесни дека нема да се случи таа работа. Откако ја формиравме владата, пак, зборуваа дека само што не влегле во владата. Ова го прават да ги држат гласачите на купче, но коалиција на ова ВМРО-ДПМНЕ со ова ДУИ нема да има – дециден е Николоски.

Инаку, за обидот за враќање на Груевски не говорат само од актуелната власт, туку и високи претставници од актуелната опозиција, кои беа власт до последните избори, во пресрет на кои наводно се ковал овој план. Еден од нив е Зијадин Села, лидер на поделената АА и пратеник од Европскиот фронт предводен од ДУИ. Во интервју за „Фокус“, одговарајќи на прашањето дали имаше обид на претходната власт да го врати Груевски за да се поткопа ВМРО и да се истуркаат уставни измени, одговори:

„Да тврдам дека не сум слушнал такви планови и информации, сакам да бидам транспарентен, и да, сум слушнал, како што сте слушнале и вие… Овие разговори изникнаа во медиуми бидејќи беа дел и од политичките разговори што се случуваа во Македонија. Дали има вистина во таа работа не можам да знам, бидејќи не сум бил дел од таквите планови“.

Кочо Анѓушев беше ставен на „црна листа“ по иницијативите за соработка меѓу ВМРО и СДСМ, вели Села за „Фокус“

За потсетување, неделникот „Фокус“ уште кон крајот на 2022 година пишуваше дека повторно може да заигра „ножот во грб“ во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тогашната власт, како и дел од меѓународната заедница, активно работеле на обезбедување двотретинско мнозинство за уставни промени, од што зависи отворањето на преговатачките поглавја со ЕУ. Во таа насока, биле отворени и одредени комуникациски канали и со Груевски, кој бил посетен од функционер на ДУИ!

(АРХИВА) Власта чека помош и од Груевски за уставни измени, ќе заигра ли пак ножот во грб во опозицијата?

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости