Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, изјави дека ситуацијата со Јавното сообраќајно претпријатие дошла сосема неочекувано.
-Ние не можеме на дневна основа да следиме што се случува со јавните претпријатија. Добиваме тримесечни извештаи, ги ставаме на седници на Совет, советниците дискутираат. Еве дури и се доцни со извештајот на ЈСП – рече Славески на Сител.
Тој се осврна и на ситуацијата во Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, од каде, како што посочи, не бараат пари, но има проблем со меѓучовечките односи и третманот на вработените.
-Јас добив пред неколку дена допис за информирање како претседател на Советот на Град Скопје. И таму ги има подетално овие наводи што се кажуваат. Морам да истакнам дека речиси целиот овој период по стапувањето на должност од страна на градоначалникот Арсовска, особено во последниот период стигнуваат вакви жалби од вработени не само во јавните претпријатија, туку посебно од сменетите и новоназначени В.Д. директори. Ние сме подготвени во рамките на надлежностите на Совет ако треба ќе формираме и посебно тело, комисија, некој вид на омбудсман да ги сослушаме жалбите на вработените – рече Славески.
Инаку, вработените во Водовод се заканија дека Скопје може да остане без вода, исто како што вчера остана без превоз. Бараат итно разрешување на директорот, бидејќи на 30-ина вработени им давал плус работни задачи, надвор од договорот за вработување. Ако не им се исполни барањето, најавија дека ќе излезат на протест.