Од денеска ќе отпочнеме со разоткривање на сомнителните и криминални зделки на градоначалниците кои што функционираа од СДСМ во претходниот мандат, најави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Тој денеска ја посочи Општина Гази Баба, која, според него, за време на мандатот на претходниот градоначалник Борис Георгиевски работела за поединци, парите на граѓаните завршувале нерационално во џебови кај луѓе блиски до градоначалникот, кој, како што рече Арсовски, испумпувал пари на граѓаните.
Притоа, тој претстави три договори за уличното осветлување во Гази Баба, каде што 2 од нив се за одржување и реконструкција на уличното осветлување, а 1 е за изградба на нови линии за уличното осветлување.
-Имено, тендерот за оваа намена е објавен и спроведен, односно спроведен на 19 мај 2021 година каде што е донесено одлука за тендерот да го добие фирма економски оператор ЕЛЕКТРОМИКИЦА ДООЕЛ од општина Илинден.
Имено, во периодот од 20 мај 2021 до 30 август 2021 година, се исцрпени овие три договори односно за само 103 дена во висина од 11 милиони денари, од кои 7 милиони денари за одржување на уличното осветлување, а 4 милиони денари за поставување на нови линии на улично осветлување.
Среќниот добитник на овој великодушен тендер и на овие пари од градоначалникот на СДСМ Борис Георгиевски е фирмата ЕЛЕКТРОМИКИЦА ДООЕЛ Скопје, со управител извесен Миле Димовски. Дневно, согласно овие договори, кои што се исцрпени за само 103 дена 11 милиони денари, дневно додека траела реализацијата, се трошеле 106.796 денари, што практично е неизводливо.
Еве јавно прашуваме, како е можно, ама како е можно да се изработат за 103 дена овие три договори во висина од 11 милиони денари? Како е можно за 103 дена да се потрошат 7 милиони денари за одржување и реконструкција на улично осветлување во гази Баба, ако се земе в предвид дека за 103 дена треба да прегорат сите сијалици во Гази Баба и да бидат сменети.
Нема човек кој се занимава со оваа работа што кажува дека ова е невозможно и е зачудувачки – рече Арсовски.
Според наши информации, додаде портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, во овие 103 дена каде што требало да се изградат 15-тина нови линии во вредност од 4 милиони денари, за голем дел од тие линии каде што е исцрпен договорот фактичката состојба вели дека линиите се стари и нема инсталирано нови линии.