ВМРО го менува статутот по теркот на партиите на Меркел, Макрон и Курц: Претседателите на општинските комитети ќе ги бира членството на кутија

by Фокус

Промените на статутот на ВМРО-ДПМНЕ ќе се изврши согласно статутите на неколку сестрински партии, меѓу кои Христијанско-демократската унија на германската канцеларка Ангела Меркел, Република во движење на францускиот претседател Емануел Макрон, Австриската народна партија на австрискиот канцелар Себастијан Курц, Хрватската демократска заедница на хрватскиот премиер Андреј Пленовиќ.

-Моментално ги преведуваме статутите на овие партии, плус статутот на една помала германска конзервативна партија. Откако ќе направиме анализа и темелно ќе ги проучиме, ќе одлучиме кои делови и одредби од нив се применливи на нашите домашни услови и специфики, за да ги имплементираме – велат високи партиски извори.

Според информации на Фокус, една од најголемите промени на статутот ќе се однесува на изборот на претседателите на општинските комитети, кои во минатото ги избираше претседателот на партијата по објавен конкурс, а по промените на „партискиот устав“ треба да ги избира членството на непосредно гласање.

-Досега членовите на кутија ги избираше претседателите на месните комитети, но во иднина тоа ќе се прави и за општинските комитети. Тоа носи ризици, бидејќи оној што ќе загуби, а освоил многу гласови, ќе биде револтиран, меѓутоа сакаме да ја отвориме партијата. Истовремено, мора да внимаваме да не ни се протне секој, па разлислуваме да воведеме и одредени контролни механизми кон избраните партиски функционери – објаснуваат нашите извори.

Исто така, во новиот статут треба да бидат опфатени и новите партиски органи што ги најави новиот лидер Христијан Мицковски – совет на Извршниот комитет и Совет на Претседателот на партијата, кои ќе имаат советодавна функција.

В.С.

Поврзани новости