ВМРО-ДПМНЕ: Жртвувањето на директорот на БЈБ нема да ги реши проблемите во МВР

by fokus

Информацијата дека службеното возило на директорот на БЈБ, Лазо Велковски, било користено за приватно патување на неговата ќерка, наиде на лавина коментари и критики од јавноста во Македонија. И покрај најавената смена на Велковски од неговата функција, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, сметаат дека со жртвувањето на Велковски, нема да се решат проблемите во МВР.

„Жртвувањето на директорот на БЈБ нема да ги реши проблемите во МВР. Нема да ги реши ниту обидот за дефокусирање со измислени „големи акции“ против наводни екстремисти или против поранешни градоначалници, само и само за да се оттргне вниманието од аферите поврзани со Оливер Спасовски. Бидејќи, токму кај него, кај министерот Спасовски лежи најголемата одговорност. Неговата партизација на полицијата и ставањето на МВР во партиска функција ја претвори Република Македонија во државата во која граѓаните не се чувствуваат безбедни. А, за тоа не може да ја понесе одговорноста само туроператорот Лазе Велковски.

Оливер Спасовски мора да одговори зошто пет дена го криеше скандалот? Спасовски мора да каже кога и кому директорот на БЈБ ги пријавил заканите? Ако воопшто постоеле закани, какви биле тие закани и за што? Што има МВР преземено по тие закани и колкумина се приведени? Доколку МВР на Спасовски не апси и не може да открие кој му се заканувал на директор на Бирото за јавна безбедност за да биде гарантирана неговата безбедност, може ли Спасовски воопшто да гарантира безбедност на граѓаните и на државата? Дали пак можеби инсистирањето на оставка е дел од внатрешните пресметки во МВР откако директорот, познат како туроператор Велковски, неодамна го приведе Драган Симоновски, советникот и близок соработник на Спасовски?“, се вели во соопштението на опозициската партија.

 

Поврзани новости