ВМРО-ДПМНЕ посочува дека во вода паднале најавите за транспарентност и отчетност на СДС и коалициските партнери од новото собраниско мнозинство, реагираа од опозициската партија.
– СДС по вторпат го понижила и деградирала Собранието на Република Македонија за само месец дена. СДС го погази Уставот, Деловникот за работа на Собранието и Закон за Собрание при обидот насилно и нелегално да го изберат Талат Џафери за претседател. СДС сега срамно закажа седница за избор на влада за само еден ден. Тоа претставува недемократски чин кон јавноста и кон Собранието на Република Македонија – се наведува во партиското соопштение.
Според нив, во изминативе 16 години во Македонија се воспоставила една демократска пракса каде се оставало простор од минимум 12 дена помеѓу доставувањето на предлогот за избор на влада и закажување на собраниската седница.
– Ова е простор за јавна дебата и сериозна анализа на владината програма и предложените кандидати за министри. Ова е простор за подготовка на квалитетна дискусија. Како по обичај, СДС и аболицираниот криминалец Зоран Заев оваа демократска пракса ја погазија и одлучија да се закаже седница за само еден ден – продолжува понатаму во соопштението.