ВМРО-ДПМНЕ: Заев цел месец го крие договорот од Софија, не сака да се знае за штетата што ја прави

by fokus

„Точно еден месец до најавеното потпишување на договорот помеѓу Бугарија и Македонија, договоран од Заев во Софија во процес целосно нетранспарентен, далеку од очите на македонската јавност, која директно ќе ги чувствува ефектите од истиот.

Помина еден месец од договорот кој Заев не и го обелоденува на јавноста, а со кој се однесува на македонската држава. Многу е јасно дека Заев не сака да се знае за штетниот договор.

Токму ваквото однесување и штетниот договор кој го преговара Заев отвори тендеција со која се задира во постоењето на македонската држава па слушнавме изјави како онаа на коалицискиот партнер на СДС дека илинденското востание било бугарско, навивачите од Бугарија кои напишаа дека Македонија е бугарска, па се до изјавите дека имаме заедничка историја која не е само македонска, дека македонски јазик не постои итн, изјавите на Божидар Димитров, дека македонскиот јазик е бугарски дијалект и дека спроведувањето на договорот кој Заев го договорил ќе значи крај на македонизмот, изјави кои Заев не ги осуди, ниту демантираше, што како Премиер е должен да го прави.

Заев во текот на изборната кампања ветуваше експертски дебати и јавни расправи за секое позначајно општествено и државно прашање, за сега да гледаме дека тоа било една голема лага.

Македонските граѓани од Заев не добија одговор што договорил во Софија, но затоа го слушнаа Заев кој отиде и чекор понатаму па не само што не ги осуди бугарските националистички изјави, туку од Софија си ја обвини сопствената држава дека ширела национализам и омраза, без да каже кога и кон кого Македонија ширела национализам и омраза.

Заев од Софија изјави дека одредени термини ќе бидат избришани од македонските учебници по историја, без притоа да каже кој и како ќе одлучува што да биде бришено, директно отворајќи простор за историски инжинеринг врз македонската нација и држава.

ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека е за градење на добрососедски односи, со сите наши соседи, базирани на взаемно почитување и обостран напредок и развој, но никогаш нема да се согласи на нешто што е во спротивност со македонските државни и национални интереси.

Заев го крие договорот со Бугарија затоа што тој прави штета на државата и граѓаните и сака се помалку да се збори за тој договор“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости