Ако Зоран Заев не смета дека Венко Филипче има морална одговорност, тогаш тој прејудицира дека нема ниту кривична одговорност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека Филипче има најмалку морална одговорност за траорната несреќа која се случи во Тетово и во која животот го загубија 14 наши сограѓани. Токму затоа оставката е неопходна.
-Оставките не треба да застанат со Филипче. За да може да се спроведе непристрасна и независна истрага за случајот потребни се оставки и од Артан Груби и од Зоран Заев. Само со оставки на Филипче, Груби и Заев ќе имаме непристрасна истрага, од која ќе се утврди и вина. Заев призна дека директно е вмешан во истрагата за ужасот во Тетово, затоа мора да си поднесат оставки и да ја ослободат истрагата. Патот е јасен. Оставки на Филипче, Груби и Заев, па непристрасна истрага, и на крај кривична одговорност. Не може 14 луѓе живи да изгорат, а никој од власта да не е виновен за ништо, стои во сопштението на партијата.
Тие порачуваат дека одговорност мора да има.
-Зошто ако сега се премолчи, слични или полоши ситуации може да ни се случуваат повторно. Да не дозволиме неказнивоста да стане правило. Време е за одговорност, порачуваат од партијата.