Новата коалиција Заев – Ахмети е за продолжување на старите навики на криминал и корупција, е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ откако лидерите на СДСМ и ДУИ соопштија дека постигнале договор за формирање на влада.
Од партијата порачуваат дека Заев нема право еднострано да го укинува Пржинскиот модел.
– Самиот Пржински модел беше договорен меѓу опозицијата и власта, Заев нема право без консултација со опозицијата и меѓународниот фактор кој беше гарант на тој модел да го укинува еднострано и да го пазари во договорот за неговата влада. Оттука се работи за уште една нова спектакуларна лага на двајцата лидери која има за цел да се отргне вниманието на крими коалицијата која ќе ја формира владата. Оние кои 4 месеци на оглас откриваат кој ја гради дивоградбата во Мавровка која никне пред очите на целата јавност сега ќе управуваат со буџетот на сите, ќе ја злоупотребуваат и крадат иднината на сите. Ваква крими коалиција е новото цунами во државата, врлат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ и ДУИ соопштија дека Заев ќе биде премиер четири години, дека ќе се укине Пржинската влада, а 100 дена пред избори владата ќе ја води ДУИ.
Договорот за испитувањето на потеклото на парите на секој функционер, според опозицијата, е потег на Заев со цел тој да го води процесот и да го сокрие криминалот на сопственото семејство.