Откажување од македонскиот народ, идентитет, јазик и историја не се државни позиции, туку антидржавни. Единствени кои во моментов нешто поткопуваат се Зоран Заев и Бучковски кои ги поткопуваат националните и државни интереси на Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Доколку нема ништо тајно, ќе излезеа пред јавноста и ќе кажеа што е понудено и што се преговара со Бугарија и ќе го обзнанеа т.н. Патоказ. Но, и Заев и Бучковски како и целата влада која ја предводи СДСМ молчат и бегаат да одговорат дали бугарската Декларација е условот за почеток за преговори со ЕУ и дали истата веќе е прифатена.
Декларацијата на Бугарија е јасна и таа ги негира постоењето на македонскиот народ, јазик и историја но и темелите на македонската државност поставени на АСНОМ.
Прифаќањето на оваа Декларација го потврди и самиот Заев кој во скандалозното интервју пред половина година најави дека ќе потпише анекс или друг облик на гаранција кои што ќе значи прифаќање на овие бугарски анахроните позиции. Ниту една држава досега не прифатила, тоа што се спремни да го прифатат Заев и Бучковски односно обезличување на идентитетот на еден народ затоа што тоа е спротивно на вредностите на ЕУ.
Затоа и кријат, затоа што личните криминални интереси им се поважни од националните и државните, а доколку беше спротивно ќе се согласеа на заедничка државна стратегија и црвени линии, од што упорно бегаат. Заев и Бучковски немаат мандат и легитимитет за да прифатат обезличување на Македонија и да ја остават без сопствен идентитет, историја, јазик и култура“, додаваат од опозицијата.